Makedonski

ПРЕКУ „ЅУНИЦА“ ДО НОВИ ЗНАЕЊА

Izvor: 
Liljana Lazareska Sub, 10/12/2016 - 11:13

Pročitajte tekst na srpskom jeziku

За активностите и успесите на најмладите припадници на македонската заедница во Република Србија читателите се информираат преку литературното списание за деца „Ѕуница“.

            Во средината на декември во издание на НИУ „Македонски информативен и издавачки центар“ во Панчево од печат излезе 85 број на 28 страници.

            Ова списание досега излегуваше само на осум страници како додаток на информативниот магазин „Македонска виделина“. Овој број и претходните четири ги уреди Лилјана Лазареска, професор по македонски јазик.

            -Сега, „Ѕуница“ на читателите им нуди текстови од различни области наменети за учење на јазикот, збогатување на речникот, проширување на знаењето. Постојат и рубрики во кои најмладите на едноставен и забавен начин, низ игра, можат да учат. Поголем е и просторот за литературните и ликовните творби на читателите. Со тоа е исполнето ветувањето на редакцијата дадено пред четири броја дека во секој број на ова списание ќе има изненадување, рече Лилјана Лазареска, уредник на списанието.

            Учениците кои го учат предметот македонски јазик со елементи на национална култура во училиштето „Гоце Делчев“ во Јабука се одушевени од содржината на ова списание и со задоволство подготвуваат творби кои ќе се најдат во следниот број. 

            Со новиот изглед на списанието задоволен е и директорот на „МИИЦ“ Виктор Б. Шеќеровски кој смета дека „Ѕуница“ би требало да има приоритет во печатењето бидејќи е наменета за најмладите, оние кои треба да го учат македонскиот јазик.

            -За мене „Ѕуница“ има поголемо значење дури и од „Македонска виделина“, многу е попотребна и би требало да биде препознаена и подржана од надлежните институции, истакна директорот на оваа установа нагласувајќи дека ќе даде сѐ од себе ова списание и понатаму да го сочува новиот изглед и да излегува редовно.

 

projekat_manjine.jpg


Najnovije vesti