• Славеа Македонците и нивните пријатели

    Podeli vest:

    Facebook Twitter WhatsApp
    013 Info

    Pročitajte tekst na srpskom

    Панчево, 5. август – Под покровителство на Националниот совет, а во организација на здруженијата и асоцијациите, Македонците во општина Панчево со низа активности го одбележаа Илинден.

    Акцент е ставен на активности кои се организирани во Јабука, Качарево, Глогоњ и Пландиште како места во кои се доселени Македонците пред седум децении.

    Како во изминатите години и годинава прославувањето на овој значаен ден од историјата на македонскиот народ  свечено започна со традиционалната манифестација „Гравче-тавче“ која се одржа по деветти пат на 30 јули, во Јабука. На овој фестивал на етно-храна учествуваа здруженија од Република Србија и Република Македонија кои се натпреваруваа во подготвување на најдобро гравче-тавче. 

    Според одлуката на жирито најдобро гравче  направи здружението „Лавици“ од Скопје, второто место го освои „Пелистер“ од Бор, а третото место му припадна на „Вардар-Ниш“. Признание за најубав штанд доби здружението „Илинден“ од Лесковац. 

    Покрај македонски на оваа манифестација присуствуваа и здруженија од другите националности кои преку ракотворби и специјалитети ја претставија својата култура и традиција.

    Во Јабука, веќе девет години пред Илинден се организира и  Меѓународна детска ликовна колонија во која учествуваат млади уметници од петто до осмо одделение од Панчево, Пландиште, Долово, Јабука, Зрењанин, Тетово, и други места. Од тридневното творење на различни теми и во различни техники, на први август, околу 40 ликовни творби, се изложени во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Јабука. 

    Здружението „Вардар-Качарево“  годинава ја имаше честа да биде организатор на централната прослава. Во претпладневни часови во регионалната канцеларија на Националниот совет во Качарево се одржа свечена академија на која покрај членови на здружението и Националниот совет присуствуваа и претставници од локалната власт, градот Панчево, Покраината и македонската Амбасада.

    Присутните ги поздравија и празникот на Македонците го честитаа заменикот на секретарот во Секретаријатот за управа, образование и национални малцински заедници, Милан Ковачиќ, советникот во македонската Амбасада, Бојан Ѓорѓев, градоначалникот на Панчево, Саша Павлов и претседателот на Националниот совет на МНЗ, Борче Величковски. Во културно-уметничката програма со староградски македонски песни се претстави и Центарот за култура од Крива Паланка „Распеани Паланчани“.  

    По завршувањето на свечената академија гостите положија цвеќе пред бистата на  Гоце Делчев која се наоѓа во дворот на истоименото училиште во Јабука со што е оддадена почит на сите борци кои го дадоа животот за слободата на македонскиот народ.

    Во рамките на централната прослава организирани се и спортски натпревари на езерото во Качарево каде екипи составени од претставници на македонските здруженија се натпреваруваа во фрлање на камен, пикадо, одбојка, пливање, надвлекување на јаже и др.    

     

    Централната прослава во Качарево заврши со концерт во кој учествуваа пејачките групи „Македонки“ од Белград и „Тоше Проески“ од Качарево. Во програмата учествуваа и дуети составени од членовите на здружението, а со настапот на дуетот Селимова-Желчевски жителите на Качарево играа и пееја до касно во ноќта.

    Илинден е посебен ден и по тоа што во гости доаѓаат културно-уметнички друштва кои учествуваат во програмите за обележување на овој ден. Годинава гости на здружението „Илинден-Јабука“ беа пејачите од Центарот за култура од Крива Паланка „Распеани Паланчани“. Тие учествуваа во програмата на прославата на Илинден и Свети Илија во Јабука заедно со мешовитиот инклузивен хор„Звуци во Јабука“. Со дел од својот репертоар на 31 јули се претставија и во Глогоњ каде заедно со секцијата за фолклор при Домот на културата „Младост“ имаа заеднички концерт. На први август во Домот на културата во Пландиште со македонски староградски песни исто така ги развеселија Македонците кои живеат во тој крај. 

    Лилјана Лазареска

    Панчево, 5. август – Под покровителство на Националниот совет, а во организација на здруженијата и асоцијациите, Македонците во општина Панчево со низа активности го одбележаа Илинден.

    Podeli vest:

    Facebook Twitter WhatsApp
  • NAJČITANIJE U POSLEDNJIH 96H

    Ostalo iz kategorije Kultura