Pročitajte tekst na srpskom jeziku.
По повод 70 години од организираното доселување на Македонците во Војводина, во Центарот за култура во Панчево се одржа свечена академија со богата културно-уметничка програма на која присуствуваа претставници од покраинската власт, од Град Панчево, членови на НС на МНЗ во Република Србија, гости од Македонија и граѓани на Панчево.
Посебна чест за присутните на академијата претставуваше присуството на претседателите на Република Србија и Република Македонија, Томислав Николиќ и д-р Ѓорге Иванов кои на Македонците им порачаа да бидат лојални граѓани на земјата во која живеат, да ја чуваат својата посебност и да го негуваат јазикот.
Претседателот на Република Србија во своето обраќање, меѓу останатото на Македонците во Република Србија им порача дека имаат целосна подршка во остварувањето на нивните права и дека Србија претставува нивен дом, нивна куќа.
-Негувајте ја својата специфичност, негувајте ги врските со земјата на своите предци, чувајте го својот културен идентитет бидејќи е скапоцен, бидејќи тој претставува уште една убава и важна алка на Република Србија.
И двата претседатела сметаат дека Македонците во Србија и Србите во Македонија претставуваат мост кој ги спојува и зацврстува односите меѓу двете земји. За таа врска од ден во ден да станува сѐ посилна и посилна, според претседателот Ѓорге Иванов, потребно е сите да се потрудат за да го сочуваат македонскиот јазик.
-Кога пишувате, зборувате и творите на македонски јазик вие активно учествувате во изградбата на нашата идеална татковина. Македонија е татковина на старословенскиот црквен јазик. Нашиот долг како Македонци е да го чуваме и постојано унапредуваме јазикот. Затоа, мој апел кон вас денеска е да не го заборавите македонскиот јазик, да ги учите вашите деца, да ги поттикнувате вашите најблиски, да бидете пример и охрабрување на Македонците на Балканот, во Европа и светот, подвлече претседателот Ѓорге Иванов.
– Вашата куќа овде во Србија се вашите човечки права и слободи. Право на човечко достоинство, право да бидете почитувани и прифатени со целата ваша различност. Тоа ќе го постигнете само ако ги надминете внатрешните разлики, ако се помирете и збиете околу мајка Македонија, потенцираше македонскиот претседател.
И културно-уметничката програма тематски беше посветена на овој значаен јубилеј. Прво се претстави пејачката група од Качарево „Тоше Проески“ со сплет на македонски песни, а потоа учениците од ОУ „Гоце Делчев“ од Јабука кои го учат предметот Македонски јазик со елементи на национална култура рецитираа стихови посветени на татковината и јазикот. Едночинката изведена од учениците од Лесковац на присутните им ги долови дилемите на децата чии родители им припаѓаат на различни националности. Свечената академијата заврши со настапот на етно-групата „Синтезис“ од Скопје.
Projekat „Redakcija na jezicima nacionalnih manjina – 013info/2016″ je sufinansiralo Ministarstvo kulture i informisanje Republike Srbije.
По повод 70 години од организираното доселување на Македонците во Војводина, во Центарот за култура во Панчево се одржа свечена академија со богата културно-уметничка програма на која присуствуваа претставници од покраинската власт, од Град Панчево, членови на НС на МНЗ во Република Србија, гости од Македонија и граѓани на Панчево.