Pročitajte tekst na srpskom jeziku.
Ели Крстева е млада девојка која целосно ѝ се посветила на музиката, прво да научи сѐ што може, а потоа своето знаење да го презентира на разни концерти, натпревари и настапи, но и да го пренесе на помладите генерации.
Уште во основното образование, го избрала виолончелото како инструмент преку чии звуци ќе им ги пренесува чувствата и пораките на љубителите на музиката. За да го постигне тоа, во текот на школувањето прво на основни, на мастер, а потоа и на специјалистичките студии на Факултетот за музичка уметност во Белград таа постојано вежба и истражува.
– Се вљубив во виолончелото, ме привлече богатството на звуци кои можат да се направат со едно потегнување на жицата. Тоа беше доволно да го засакам и да продолжам да го надоградувам знаењето, вели Ели.
Таа има богата колекција на признанија и награди кои ги освоила на натпревари и фестивали во основното и средното музичко училиште „Јован Бандур“ во Панчево кое го завршува како најдобра ученичка на генерацијата.
И покасно, на Факултетот за музичка уметност, своето знаење го надоградува и усовршува на предавањата и вежбите, но и во соработка со познати музички имиња од Србија и странство.
Како солистка и како камерен и оркестарски свирач настапувала во многу белградски сали, на концерти во многу градови на Србија, но и во Франција, Словенија, Словачка, Италија,Бугарија, Австрија, Унгарија, Романија, Македонија и други земји.
Сега со посебна посветеност наученото им го пренесува и на учениците во Училиштето за музички таленти во Ќуприја.
– Мојот предмет се вика камерна музика и вклучува свирење во ансамбл од 2 до 4 инструмента заедно. Предметот е многу интересен за учениците, бидејќи тие дружејќи се на часовите меѓусебно си помагаат во совладувањето на теоретскиот дел на стручните предмети, истакна Крстева.
За полесно совладување на тремата во реализирање на практичниот дел од наставата меѓусебно се подржуваат и храбрат, во тоа многу им помага и искуството на нашата соговорничка.
-И сама настапувам со триото „Алегра“, ја познавам материјата и камерниот репертоар и секогаш учиме нешто ново. Разменуваме искуства и се надополнуваме. Тоа ми причинува големо задоволство и кога сум во Ќуприја не ми пречи што сум три до четири дена во неделата одвоена од мојата фамилија во Панчево, рече Ели.
Публиката во Панчево ја познава Ели Крстева и по незаборавните настапи во панчевачките клубови и ресторани каде заедно со нејзините колешки од гудачкото трио „Алегра“ Милана Влаовиќ и Миона Царан претставуваат вистинско освежување на културниот живот во Панчево.
-Пред една година ниедна од нас не беше вработена па на предлог на Миона формиравме гудачко трио какво во нашиот град нема. Бидејќи сѐ помалку луѓе денеска доаѓаат на концерти на класична музика одлучивме на публиката да ѝ покажеме дека нашите инструменти можат да бидат интересни за секоја возраст и дека можат да се употребат за различен музички репертоар прилагоден на секакви настани, нагласува нашата соговорничка.
Според неа, првобитната идеа е остварена. Иако постојат само една година тие веќе имаат постојана публика која доаѓа на нивните концерти и ужива со нив. Ги следи на сите настапи дури им дава и предлози за нови аранжмани. И трите подеднакво се ангажирани. На проби доаѓаат со нови идеи како за репертоарот така и за нивниот стил, визуелно претставување и места каде ќе настапуваат.
Убедени се дека јазикот на музиката го разбираат сите луѓе и затоа не ја губат надежта дека и тие влијаат на квалитетот на културниот живот на Панчево, но и на популаризацијата на класичните инструменти и нивната примена. Тие исто така преку својот пример даваат придонес младите свирачи да ги прифатат гудачки инструменти.