
На 29 септември, во организација на Домот на младите во Панчево, во салата „Аполо“ се одржа тројазична книжевна вечер на која беа промовирани новинско-издавачките установи „Либертатеа“ и „Македонски информативен и издавачки центар“.
И двете установи се формирани од националните совети и имаат седиште во Панчево. Нивна заедничка цел е преку издаваштвото и преводите да го негуваат јазикот и чуват идентитетот на својата заедница.
Издавачката куќа „Либертатеа“ годинава одбележа 71 година од своето формирање, а „Македонскиот информативен и издавачки центар“ десет години. И еднaта и другата куќа имаат бројни наслови со кои учествуваат на различни саеми и салони на книги.
Своите читатели „Либертатеа“ ги известува преку неделникот„Либертатеа“, а романскиот јазик го негува преку списанијата за деца и млади „Детска радост“ и „Младост“.
– Во претставувањето на издавачката дејност на НИУ „МИИЦ“ направивме ретроспектива за изминатите десет години со посебен акцент на информативното политичко гласило „Македонска виделина“, списанието за книжевност, култура и уметност кое излегува четири пати годишно „Видело“ и списанието за деца и млади „Ѕуница“, истакна Искра Пенева, потпретседателка на Одборот за култура при Националниот совет на МНЗ во Република Србија.
Покрај списанијата присутните имаа прилика да се запознаaт и со дел од насловите и преводите кои ги издаваат овие две куќи. Најинтересни за публиката сепак беа стиховите на српски, романски и македонски јазик кои ги читаа Еугенија Балтеани, Искра Пенева, Виолета Пачевска, Гроздана Лучиќ Лалиќ, Бранислав Вељковиќ, Валентин Мик и Ранко Бебековски.
– Ова е мултикултуралност, одраз на нешто што постоеше пред 70 години. За жал иако живееме во ист град, кога се зборува за нашите комуникации, ние само живееме едни покрај други, а не едни со други. Во нашите публикации ги нема Македонците, а во нивните нѐ нема нас. Тоа не е добро бидејќи мислам дека и македонските творци имаат да кажат нешто за нашите изданија, како што и нашите имаат да кажат за нивните списанија. Тоа е заеднички проблем кој треба заедно во кратко време да го решиме, рече Нику Чобану, директорот на „Либертатеа“.
На крајот од програмата присутните имаа прилика да слушнат и неколку музички нумери на фагот во изведби на Војислав Јоциќ.
Projekat „Redakcija na jezicima nacionalnih manjina – 013info/2016″ je sufinansiralo Ministarstvo kulture i informisanje Republike Srbije
На 29 септември, во организација на Домот на младите во Панчево, во салата „Аполо“ се одржа тројазична книжевна вечер на која беа промовирани новинско-издавачките установи „Либертатеа“ и „Македонски информативен и издавачки центар“.